Миланов: Законот за амнестија е контроверзен – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/18 5:45 PM

Миланов: Законот за амнестија е контроверзен

Законот за амнестија кој беше донесен вчера доцна попладнето во Собрание е контроверзен и ќе има проблеми во примената – смета адвокатот Еленко Миланов кој во случајот „27 април“ ги застапува обвинетите Љупчо Димовски, Мунир Пепиќ и Игор Дурловски.

„Насилството не потпаѓа под амнестија, кој на каков начин и како ќе ги толкува. Немаме цврсти докази за многу лица дека неовластено поседувало оружје, нема цврсти докази дека лица со прикриен идентитет презеле некој вид на насилство. Ќе биде доста контроверзно и долго време нема да се одлучи по оние барања кои ќе се поднесат“, изјави денеска Миланов.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, ја спореди денеска амнестијата која во 2016 година ја донесе претседателот, Ѓорге Иванов, со Законот за амнестија кој беше вчера изгласан во Собранието. Според Јанева, амнестијата на Иванов влијаела на работата на СЈО така што го блокирала обвинителството за два месеци:

„Амнестијата на Иванов беше сосема нешто друго од ова. За Иванов беше врз основа на непознати податоци. Иванов немаше податоци за работата и лицата кои ги амнестираше. Неговата беше тотално незаконска, беа помилувани и сведоци и странски државјани и лица кои воопшто не биле предмет на постапка на судовите и на обвинител. Тоа влијаеше така што два месеци не работеше обвинителството. На основното јавно обвинителстово и на судовите оваа амнестија сигурно ќе влијае, но не би сакала да коментирам нешто што не е во мој домен“.

Законот за амнестија во моментот чека на потпис од претседателот Ѓорѓе Иванов, во чиј кабинет вчера е испратен од Собранието.

Откако Иванов ќе го потпише Законот се обкавува во Службен весник по што и официјално стапува во сила и оттогаш почнува да тече рокот од пет дена во кој обвинетите и осудените за „27 април” треба да поднесат барање за амнестија ако одлучат така или да се определат во судскиот процес да ја докажуваат својата невиност.

По тоа, Судот или Обвинителството имаат рок од пет дена да одлучат по барањата. Законот дозволува и жалба во второстепена постапка.