Министерството за надворешни работи најави дека до крајот на годинава ќе бидат објавени огласи за вработување на млади дипломати и за помошно-стручни службеници.
Од МНР посочуваат дека за конкретните постапки и претстојни фази во процесот на селекција на кандидати, кои ќе се спроведуваат на почетокот од наредната година, јавноста ќе биде навремено и прецизно известувана.
Додека од МНР тврдат дека еден од нивните главни приоритети е развивање на компетентна, квалитетна и професионална дипломатија, подготвена да одговара на современите предизвици и суштински да придонесува кон исполнување на стратешките цели на Република Македонија, опозицијата обвинува дека шефот на дипломатијата, работи спротивно на националните и државни интереси.
ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно побара оставка од министерот, Никола Димитров.
„По јавно изречената навреда на Димитров дека Македонскиот народ е искомплексиран народ, народ со комплекси, несигурен во себе, и тоа од највисокиот дом на демократијата во Република Македонија, од Собраниска говорница, Димитров сериозно го доведува во прашање неговиот кредибилитет како министер кој што треба да ја претставува и да ја штити нацијата и државата надвор од државните граници. Нема датум за преговори со ЕУ. Македонската дипломатија исто како и државата е прикована на дното. Тоа сето е дело на Никола Димитров“, истакна на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Димитров ја поткопа државата, ја доведе Република Македонија во подредена положба кон друга држава. Тоа е велепредавство, тоа е капитулација! И затоа Никола Димитров мора да си замине – додаде Стоилковски.