Во време кога проблемот со бездомните животни воопшто не е решен, ниту пак гледаме реален напредок затоа што измени во пристапот на решавање никакви нема (кучиња се трујат, дислоцираат, убиваат), а со цел да придонесеме кон сеопфатно, хумано, ефикасно трајно намалување на бројката на бездомни животни во Македонија, проблематика која законски потпаѓа под надлежност на општините, информираме дека понудивме помош на ЕЛС во изработка на предлог Програмата за решавање на проблемот со бездомните животни – третман на бездомни кучиња.
Мерките кои ги посочуваме во истата се усогласени со нашето законодавство и нудат трајно, економски исплатливо делување кое ќе ја унапреди јавната безбедност и здравствената заштита на населението и ќе покаже успех во релативно кус рок, пред се ќе се стабилизира состојбата, воспостави контрола а понатаму и ќе се надмине проблемот, под услов да го регулираме и одговорното сопствеништво, т.е. спречиме приловот на нови и нови единки на улица. (како доказ служат бројни искуства и проценки на случаи)
Од причина што ги имаме детектирано досегашните недостатоци на општинските програми, а воедно сме во тек со најуспешните практики на меѓународно ниво и препораките од Светската Здравствена Организација, ние изработивме Програма која може да се адаптира/надогради со спецификите на општините и која нуди сет мерки за системско, сеопфатно и хумано третирање на проблемот.
Жалиме што интерес за соработка од 81 постоечка општина имаа само неколку, пред се рурални општини кои не контактираа (Желино, Босилово, Зелениково, Пласница) како и општините Неготино , Битола и Кисела Вода.
Задоволство ни е што општина Пласница веќе ја усвои Програмата која им ја предложивме по што, можеме да тврдиме дека во моментот има најсеопфатната и најпрогресивна Програма за решавање со проблемот со бездомните животни во Република Македонија (во прилог).
Посочуваме дека оваа Програма е за третман на бездомните животни и сите оние кои ќе се затекнат слободни на територија на општината (пуштени да лутаат од неодговорни сопственици) . Понатаму сметаме дека е неопходно ЕЛС, во рамки на Одлуките за комунален ред да го дефинираат одговорното сопствеништво, и тоа е многу важен документ каде е потребно да се дефинираат обврските на сопствениците на миленик затоа што неодговорните сопственици се причинител бр.1 за појава на нови бездомни кучиња.
Како основни мерки кои е потребно да се воведат во Одлуките ги предлагаме:
– обврска за евиденција/идентификација на сопствениците на миленици,
– востановување забрана за непречено размножување на милениците освен во услови на регистрирана одгледувачница и
– забрана за напуштање на милениците.
Стои во соопштението на Здружение за заштита на животни „АНИМА МУНДИ“