Владата ќе се слика за 36 илјади евра – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/18 2:51 PM

Владата ќе се слика за 36 илјади евра

Владата склучила договор за набавка на фото опрема од над 2,2 милиони денари.

Договорот е склучен со фирмата Пикс Плус Траде ДООЕЛ. Станува збор за набавка на опрема за секторот за односи со јавност кој работи на покривање на настани во и надвор од Владата, а се поврзани со активностите на Владата со министерствата и на премиерот.

Во договорот потпишан од генералниот секретар на Владата Драги Рашковски не пишува за каква фото опрема станува збор.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека за оваа сума набавени се два фотоапарати и еден професионален рачен камкодер, мала стабилизирана камера, како и придружна опрема за истите.

Извори за „Макфакс“ тврдат дека станува збор за едни од најпрофесионалните фотоапарати каков што засега има само еден фоторепортер во земјава, а истиот чини околу 6 илјади евра.

За владината ПР служба имаше големи реакции во јавноста уште од почетокот на нејзиното основање, со оглед на обемноста на кадарот чија основна задача е да ги промовира владините политики. Дел фотографи и новинари од медиумите реагираа дека владината ПР служба им го зема лебот, со оглед на тоа што Владата до медиумите испраќа готови, новинарски подготвени текстови и фотографии од настани, а со тоа се демотивираат редакциите да вработуваат фоторепортери и буквално чекаат на готово комплетно напишани текстови и фотографии од настани.