Новиот Закон за трговија на зелените пазари за кој реагираше Стопанската комора на Македонија, денеска наиде на осуди и од партијата Левица. Оттаму, законот кој го предложи владеачката коалиција на СДСМ и ДУИ го оценуваат како срамен и скандалозен, бидејќи ако биде усвоен, пензионерите, вработените и лицата кои имаат некаков хонорар нема да можат да продаваат на тезгите на зелените пазри.
Законот е крајно дискриминирачки затоа што забранува да бидат и продавачи на пазар токму оние на кои пензиите, социјалната помош или отпремнините кои ги добиваат им се толку мизерни што не можат да си ги покријат и најосновните трошоци за нормален живот и издржување на своето семејство – велат од Левица. Партијата најавува дека ќе ги искористи сите правни и вонправни инструменти да го спречи влегувањето во сила на овој, како што велат оттаму, крајно штетен Закон.
Левица денеска го повика Министерството за економија – по итна постапка – до Собранието на РМ да предложи мораториум, т.е. одлагање на примената на овој закон за најмалку една година.
Сепак, првиот човек во ресорот економија, Крешник Бектеши вчера рече дека новото законско решение нема да претрпи измени до крајот на годината. Забелешките од Стопанската комора тој ги добил пред два дена, но вели дека тие се задоцнети.
Примената на Законот за трговија на зелените пазари треба да почне од 1 јануари следната година, но Групацијата на пазарџии веќе јавно побара таа да биде одложена. Како што посочија најзасегнатите, организаторите на пазари нема да може да се прилагодат на новите одредби. Во Македонија има од 20 до 25 илјади закупци на тезги на пазарите.