Додека му се бројат деновите на овој состав, АВМУ ќе избира заменик директор – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/18 2:08 PM

Додека му се бројат деновите на овој состав, АВМУ ќе избира заменик директор

На утрешната седница Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе одлучува за распишување конкурс за избор на заменик директор на агенцијата. Овој конкурс  се распишува во време кога се бројат деновите пред донесувањето на новиот закон, со кој со стапувањето во сила, се менува целкупниот состав на агенцијата. Зошто сега, особено што до сега Агенцијата немаше заменик директор?

Кои се мотивите за распишување на овој конкурс, беа прашањата што во еден глас ги поставија долгогодините проследувачи на состојбите во македонската радиодифузија. Дали се тоа лични мотиви на поединци, групи, партии…?

Зошто четири години по неуспешниот конкурс во 2014 година, кога јавноста не беше информирана за причините што пропадна,  сега се распишува нов?

– Од медиумите разбравме за конкурсот. Тоа е интерна работа на Советот на АВМУ. Останувам на барањето како и досега, дека сите треба да се поднесат оставки. Во најмала рака е чудно што овој конкурс се распишува сега, кога очекуваме до крајот на годинината да се усвои новиот закон, со кој престануваат функциите на сите во агенцијата, ни изјави министерот Дамјан Манчевски, Министерство за информатичко општество и јавна администација.

На иста линија беше и министерот без ресор, задолжен за трансарентност, Роберт Поповски.

Според предложенените измени на Законот за АВМУ, членовите 19 и 44 остануваат исти, односно со влегувањето во сила на овој закон, автоматски преставуваат функциите на актуелните функционери во АМВУ. Тие остануваат до изборот на новиот Совет и директор , кои ќе имаат само техничка улога во Агенцијата, без можност да доделуваат нови дозволи или фрекфенции.

Прашањата за тоа зошто сега се распишува овој конкурс ги упативме кај директорот Зоран Трајчевски, кој кажа дека тоа не е во делокруг на неговата работа. Затоа се обративме кај заменикот претседател на Советот на АВМУ, Милаим Фетаи. Во телефонскиот разговор прво се обиде да го избегне одговорот, препраќајќи не’ на одговор кај претседателот.

Но, откако укажавме дека конкурсот се поставува на дневен ред на негов предлог, рече дека распишувањето на конкурсот е со цел доекипирање на Агенцијата и е законска обрска. За тоа зошто сега, Фетаи рече дека така оценил. Го прашавме дали на ваков начин тој самиот си ги остварува амбициите да остане во Агенцијата како заменик директор, Фетаи одговори:

– Не, гарантирам дека немам такви амбиции, изјави Фетаи.

Тогаш, чии амбиции се во прашање и за кој е местото? Овие прашања беа легитимни и за Билјана Бејкова, од невладината НВО Инфоцентар, која го години го следи работењето на регилаторното тело.

–  Нејасно е и симптоматично зошто сега, по четири години од неуспешниот обиди да се изебере заменик директор на АВМУ, се распишува нов во предвечерието на стапувањето во сила на нов закон. Никој е даде одговор тогаш зошто пропадна конкурсот. Остана нејасно и зошто се чекаше четири години за да се распише нов конкурс, забележува Бејкова.

Делот од актуелниот закон со изборот на заменик директор во предложените измени на законот за АВМУ е сосема идентичен со новиот предлог. Дејан Ѓеоргиевски од Центарот за развој на медими, кој работи на анализа на медиската легислатива ,забележува има некои недоследности меѓу членовите 19 и 44, што може различно да се толкуваат.

– Во членот 19 функцијата заменик директор е строго врзана со функцијата директор.Меѓутоа, во членот 44, каде  е делот за престанување на функциите во АВМУ, никаде не се споменува и заменик директорот. Вистинските прашања се дали има некаква позадина зад ваквото поставување на членовите 19 и 44 и  зошто сега се распишува конкурсот.

Дали на ваков начин му се обезбедува место, т.е. плата и подоцна апанажа на некој пред изборот на новиот состав на Агенцијата?, прашува Ѓеоргиевски.

Вака како што е напушан новиот закон, на некој добар правник му се дава простор да го спори заминувањето на заменик директорот на АВМУ, што може да му купи време и нормално, плата, резонира Ѓеоргиевски.

Според тоа, остануваат многу отворени прашања, пред се’ за мотивите за распишување на конкурсот, особено сега, кога владините министри се убедени дека се бројат деновите до усвојувањето на новиот закон. Дали тоа некој купува место и плати?

Дали тоа веќе актуелните функционери во АВМУ, вклучувајќи го и директорот Трајчевски,  имаат свои лични мотиви за обезбедување на место, кое би го спореле поради различното толкување на законот? Прашања чиј одговор ќе биде познат веројатно веќе утре, кога е закажана седницата на Советот на АВМУ.