Британскиот весник Фајненшал тајмс денеска го прогласи милијардерот и филантроп Џорџ Сорос за личност на 2018 година.
За личноста на годината на Тајмс обично се одлучува врз основа на достигнувањата. Во случајот на 88-годишниот Сорос годинава беше одлучено врз основа на вредностите кои тој ги претставува, наведува весникот во образложението за признанието. Сорос, Евреин со унгарско потекло е опишан на „татко на индустријата на хеџ фондовите“, но и како човек кој се залага за либерална демократија и отворено општество и кој „преку филантропијата се бореше против авторитаризмот, расизмот и нетолеранцијата“.
Франс прес потсетува дека Џорџ Сорос стана жртва на националистите и поддржувачите на теории на заговор во Европа и во САД.
Фондацијата на Сорос во август го пресели седиштето од Будимпешта во Берлин, откако владата на Виктор Орбан донесе „Стоп Сорос“ закони.