Николовски: Раскинати 212 договори за земјоделско земјиште поради неплаќање закуп – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/18 1:46 PM

Николовски: Раскинати 212 договори за земјоделско земјиште поради неплаќање закуп

Фото: МКД

Уште три недели трае јавниот повик за доставување понуди за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари. Земјоделците кои се заинтересирани, ќе може комплетната документација со пријава, до ресорното министерство да ја достава до 11 слениот месец – соопшти денеска министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

„За разлика од огласите за кои што МЗШВ ги објавува расположливите парцели, со овој повик им се овозможува на земјоделците доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку изготвување геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик. Единствено земјоделците треба да внимаваат земјиштето да не е предмет на денационализација и да не е веќе дадено под закуп. Овој јавен повик е наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта е да се стави во функција целото расположливо земјоделско земјиште, особено оние парцели што не се атрактивни и што се со понизок квалитет од четврта, петта, шеста, седма и осма класа, а можат да се искористат за производство“, изјави Николовски.

Тој информираше и дека досега се раскинати вкупно 212 договори поради ненамирен закуп. Во тек се постапките за несовесните субјекти, најпрво преку процесот на медијација.

„Се работи за земјиште што се давало под закуп на најмалку три години. Постапката за санкционирање ќе потрае, уште е во тек процесот на медијација. Сметаме дека веројатно бројот на раскинати договори ќе достигне околу 500 до 600“, рече Николовски.

Во неплаќањето закуп за државното земјиште, како што нагласи тој, предничат Гевгелија, Свети Николе и Куманово.