Адвокатите на поранешниот премиер, Никола Груевски го откажаа полномошното за неговото застапување и во предметот „Титаник“ на СЈО, а претходно тоа го направија и во предметот „Насилство во Центар“. Откажувањето на полномошното денеска го соопшти судијата Осман Шабани на почетокот на рочиштето за овој предмет, во кој Груевски отсега ќе го застапува адвокат по службена должност.
Инаку, на денешното рочиште се прикажуваа скенирани уплатници од физички лица со назнака донација ВМРО-ДПМНЕ на износи од шест до 60 илјади денари. Обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска посочи дека тие се уплатувани на неколку исти датуми што се повторуваат и тоа на ист шалтер од исто лице, за што имаат и сведоци кои тоа го потврдуваат, како и дека некои уплатници имаат погрешни имиња, а точни матични броеви.
Освен тоа, денеска беа изведувани и материјални докази. Обвинителката Стефановска посочи дека има околу 5.900 материјални докази.
Според неа, првата група докази се однесуваат на злосторничко здружување и дејствијата преземени во 2011 година. Појасни дека станува збор за злоупотреба на средства за политичка кампања.
Во судницата беа прикажани и прегледи по налози од аналитички картички, за кои, од СЈО појаснија дека покажуваат како се трошени парите, претходно внесени со уплатниците. Најголем дел од нив се однесуваат на медиуми, како телевизии и радио станици.
Во „Титаник“, покрај Никола Груевски, обвинети се уште деветнаесет лица. Тие се товарат за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.