Царинската управа отвори истрага за Трајковски, гостинот на Груевски во Будимпешта – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/18 8:51 AM

Царинската управа отвори истрага за Трајковски, гостинот на Груевски во Будимпешта

Царинската управа вчера отвори истрага за царинскиот службеник Александар Трајковски, кој беше фотографиран со експремиерот Никола Груевски, азилант, во Будимпешта. Од Царина го испитуваат неговото отсуство од работа во Царинската управа.

„Од царинскиот службеник побарана е изјава за отсуството од страна на инспектори од Секторот за професионална одговорност и тој го доставил извештајот за привремена спреченост за работа, поврзан со неговото отсуство. Исто така, отворена е истрага и побарани се докази и извештаи од Фондот за здравствено осигурување“, се вели во дописот од Царинската управа.

Истрагата на Царинската управа е поврзана со почитувањата на правилата за ред и дисциплина на Царинската управа, Законот за работните односи (член 81) и колективниот договор.

За текот на истрагата и резултатите од можна злоупотреба на отсуството во согласност со актите на Царинската управа и законските прописи, оттаму дополнително ќе информираат.

Членот 81 гласи „Работодавачот може да му го откаже договорот за вработување на работникот поради кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, колективен договор, особено ако не ги почитува работниот ред и дисциплината според правилата пропишани од страна на работодавачот или незаконски или неовластено ги користи средствата на работодавачот“.

Пред една недела на социјалните мрежи беше објавена фотографија од Груевски и Трајковски како се шетаат низ центарот на Будимпешта. Трајковски тогаш ни изјави дека станува збор за грешка, а од Царинската управа потврдија дека тој користи боледување од 5 декември.

Вчера царинскиот службеник обвинет за случајот „Насилство во Општина Центар“ изјави дека заминал во Унгарија за да оди на клиника поради проблеми со синусите и белите дробови, а не за да го посети бегалецот Груевски.