Патникот Јунајдин Рустемовски од Прилеп, еден од 32 преживеани патници во сообраќајната несреќа кај Лесковац, вели дека шоферот во полна брзина заобиколувал други возила по патот кој бил речиси завеан.
-Бев буден и со свои очи видов како возачот на автобусот претекнува некое возило. Цело време вееше снег, коловозот беше лизгав, а видливоста доста намалена. Него тоа не го спречи да додаде гас и да тргне во претекнување.
Вака ја почнува својата исповед за српски курир Јунајдин Рустемовски (40) од Прилеп, кој ноќта помеѓу саботата и неделата преживеа во страшната сообраќајна несреќа во која автобус со 35 патници кој патувал од Прилеп кон Виена, излета од патот на влезот во Лесковац и се преврте.
Во превртениот автобус загинаа тројца патници, додека 32 од нив се потешко и полесно повредени. Ристемовски, кој е сместен во КЦ Ниш, ја прераскажал драмата.
-Тргнавме од Прилеп најнормално и се беше во најдобар ред се додека не влеговме во Србија. Не возеше млад возач и беше доста внимателен. Побавно движеше поради снегот и мразот. Меѓутоа, кога ја поминавме границата со Србија, него го замени повозрасен колега и тогаш почнува нашиот пекол-вели Рустемовски.
Тој истакнува дека сѐ се случило околу 1.40 часот и дека многу патници спиеле.
-Јас не можам да спијам, така што во моментов на несреќата бев буден и видов дека возачот тргнува да претекне некое возило пред нас. Вееше многу снег и не видов кое возило беше во прашање, ниту поради што возачот се одлучи да тргне во небезбедно претекнување. Кога тргна налево, автобусот поради брзото возење се излизга. Видов дека нешто не е во ред бидејќи бочно се оддалечувавме од тоа возило – раскажува преживеаниот патник и продолжува.
-Во еден момент, на кој и не се сеќавам баш јасно, се превртевме. Тогаш слушнав повици за помош и врисок на патниците. Со раката и рамото го разбив стаклото , а крв имаше насекаде.
Рустемовски вели дека во целиот тој метеж и хаос успеал да спаси една жена.
Извлеков од урнатините некоја жена која беше во полусвесна состојба. Имаше навистина мачни сцени додека не дојде помошта да не однесе во болница – раскажува потресениот Рустемовски.
Возачот на автобусот доби притвор од 48 часа бидејќи вештаците заклучиле дека возел со брзина од 98 километри на час, што е голема брзина за условите на патот какви биле таа ноќ.