Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, a го слават и православните и католиците, но и дел од муслиманите, особено во Турција.
Во Македонија и во светот има безброј цркви, манастири, икони и фрески, кои се посветени на овој светец. Многу македонски семејства вечер со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот. Свети Никола е еден од најсаканите христијански светци.
Овој светец имал многу возбудлива животна приказна, која со векови ги фасцинира христијаните. Роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу православната и католичката црква од 1054 година.
Неговите богати родители Теофан и Нина, синот Никола го добиле во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското царство. Персискиот крал Шапур го заробил во битката кај Едеса, го понижувал во заложништвото и, на крајот, го убил сипајќи му истопено злато низ грлото, како симбол на неговата алчност.
Бидејќи Валеријан бил прв (и останал единствен) римски цар што е заробен во борба, неговото заложништво и смрт предизвикале бран нестабилност во Римската империја.
Од свети Никола до Дедо Мраз
По црвениот плашт и белата брада потсетува на денес модерниот приказ на Дедо Мраз. Во поново време, благодарение на рекламите и потрошувачкото општество, најпознат е како Дедо Мраз (Санта Клаус, скратено од Санта Николаус – свети Никола). Додека на православните икони е прикажан како висок човек во препознатлив црвен плашт, со епископска митра на главата и со стап во рацете, како ги дарува децата со подароци од вреќата, потрошувачкото општество тоа малку го „зачинило“. Црвениот плашт останал, како и долгата седа брада, но се додадени ирвасите што ги влечат санките со кои Дедо Мраз го обиколува светот во текот на Бадниковата вечер.