Во Хрватска се бараат медицински сестри – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/18 1:39 PM

Во Хрватска се бараат медицински сестри

Владата на Хрватска до крајот на годината ќе ја определи квотата за вработување странци за 2019 година, а во бројот од 63.600 работници, првпат ќе биде дозволено и вработување медицински сестри од странство, пишува „Вечерњи лист“.
Квотата за увоз на медицински сестри или техничари е определена на 200 лица, од нив 50 би работеле во составот на државните здравствени установи, а 150 лица во домовите за стари.

Социјалниот сектор досега не беше во групата на дејности со дефицити на работна сила. Во оваа дејност се вработени пет странци како инструктори на водичи на кучиња. Од идната година во социјалниот сектор би можеле да се вработат дури 460 странци. Освен медицински сестри и негувателки, во домовите за стари лица и за деца се потребни и готвачи и хигиеничарки, но и физиотерапевти, психолози и логопеди, пишува весникот.

Годинава од Хрватска заминаа 1.800 медицински сестри, главно во Германија, за месечна плата од 1.800 до 2.000 евра.

Најголемиот број странски работници се во областа на градежништвото, каде што недостигаат 18.500 работници, а во туризмот и угостителство се бараат 15.400 странски работници. Во шумарството има недостиг од 3.530 работници, во сообраќајот 2.314, а во металната индустрија 2.200 работници.