На обвинетиот му се става на товар дека на 06.06.2018 година најпрвин по телефон ја повикал оштетената да му се придружи на патувањето за Прилеп. Таа прифатила и обвинетиот ангажирал такси-возило, но со него наместо кон Прилеп се упатиле во правец на с. Бегниште.
Кога дошле до крајот на селото, тој и рекол на оштетената да излезат од возилото и продолжиле да се движат пеш по блиските ниви. Во еден момент, обвинетиот извадил нож и со него ја прободел оштетената во стомакот од десната страна под градниот кош, нанесувајќи и со тоа тешка телесна повреда со конкретна опасност по животот.
Потоа си заминал оставајќи ја оштетената сама.
По неколку часа се вратил и со помош на лице – сведок во постапката ја однел во неговата куќа и таму ја оставил, иако оштетената имала болки и крварења и го молела да ја однесе на лекар. Со ваквите дејствија тој противправно и ја ограничил слободата на движење.
Пак се вратил и утредента, на 07.06.2018 година, на инсистирање и молба од оштетената со такси ја однел до с.Сопот, во близина на куќата на нејзините баба и дедо, ја исфрлил од такси возилото во бесвесна состојба и таму ја оставил.
Истовремено со Обвинителниот акт доставен е Предлог за продолжување на мерката притвор спрема обвинетиот, бидејќи се уште постојат основите поради кои истиот е определен. Имено, обвинетиот е пријател на оштетената и кривичното дело го сторил искористувајќи ја нејзината доверба и пријателство, што претставува околност која го оправдува стравот дека тој би можел да го повтори кривичното дело.
Обвинителството ја испитуваше евентуалната кривична одговорност и на други инволвирани лица, но до овој момент не се пронајдени докази кои упатуваат во таа насока.


