Организаторите и подготвувачите на ланскиот насилен протест во Собранието нема да бидат амнестирани – соопшти денеска пратеничката на СДСМ, Фросина Ташевска Ременски откако заврши состанокот на Интерпартиската парламентарна група за реформи, интеграција и помирување. На денешниот, трети по ред состанок, оваа група, според Ременски постигнала согласност за Предлог – законот за амнестија кој го изготви Подгрупата за помирување, предводена од Зекир Рамчиловиќ, кој пак е дел од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Нацрт текстот на новото законско решение за амнестијата не ги опфаќа лицата кои под фантомки, лани на 27 – ми април извршиле физичко насилство и лицата кои носеле оружје и експлозивни направи, но и службените лица кои ги пречекориле своите службени овластувања.
Таа рече дека телото не прави квалификации на делата кои не влегуваат во амнестијата и дека за тоа ќе одлучува Судот.
„Истрагата којашто ја води Обвинителството по член 324 од КЗ и има притвор определено на лице по тој член, влегува во одредбата во која нема амнестија. Не можеме ние истрагата на Обвинителството да ја сопреме, во контекст на лица за кои можеби ќе се утврди дека учествувале во организација и подготовка“, изјави Ременски.
Закон за амнестија до Собранието во октомври предложија и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои не се дел од Телото за помирување. Нивниот предлог се однесуваше на сите осомничени, обвинети и осудени за 27 април, но тој не помина во Собрание.
Амнестијата на извесен начин предизвика раздор во ЛДП – партија која е коалиционен партнер на СДСМ, чиј претседател Горан Милевски викендов порача дека можноста за амнестија најдобро е да биде разгледувана откако ќе има пресуда за случајот. Неговата сопартијка, пратеничката Никица Корубин најави дека ќе дејствува самостојно во парламентот и дека ќе го поддржи новото законско решение за амнестија штом влезе во собраниска процедура. Групата пак, која работеше на истиот, очекува тоа да се случи уште вечерва.


