Над 3000 мигранти и бегалци починале досега од почетокот на годинава – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/18 8:48 AM

Над 3000 мигранти и бегалци починале досега од почетокот на годинава

 

Речиси 3.400 мигранти и бегалци веќе ги загубиле животите ширум светот во 2018 година. Повеќето загинале при обид да стигнат до Европа по морски пат. Многу од останатите починале обидувајќи се да преминат пустини или низ густи шуми, барајќи безбедност далеку од официјалните гранични премини – соопштува Меѓународната организација за миграции, која оценува дека ваквите бројки се засрамувачки.

Достоинственоста на миграциите е во фокусот на денешниот Меѓународниот ден на мигрантите, а генералниот директор на Меѓународната организација за миграции, Антонио Виторино смета дека миграцијата е сила за достоинство, бидејќи им овозможува на луѓето да изберат да се спасат, да се заштитат, да се едуцираат или да се ослободат себеси

Во денешно време човештвото е во постојано движење – приближно секој седми човек ширум планетата е мигрант – додава Виторино посочувајќи дека останува многу да се направи, но и да се научи.

Оценува дека усвојувањето на Глобалниот договор за безбедна, уредна и регуларна миграција (ГДМ), на 10-ти овој месец во Маракеш, не’ носи еден чекор напред кон достоинството за сите и кон балансиран пристап, како и кон широка соработка во областа на миграцијата.

Генералното собрание на ОН го прогласи 18 декември како Меѓународен ден на мигрантите во 2000 година. Истата година, во својот годишен Извештај за миграцијата во светот, ИОМ изјави дека „повеќе од 150 милиони меѓународни мигранти го прославија крајот на милениумот надвор од своите земји на раѓање”.

Осумнаесет години подоцна, трендот на мажи, жени и деца кои се селат продолжи да расте. Во овие осумнаесет години бројот на меѓународните мигранти се зголеми на околу 258 милиони луѓе. Уште 40 милиони луѓе се во моментов внатрешно раселени заради конфликти, и секоја година милиони други (18,8 милиони во 2017 година) се присилени да ги напуштат домовите заради климатски катастрофи и природни ризици.