Државно земјоделско земјиште со вкупна површина од 1420 хектари ќе биде дадено под закуп. Огласот го објави Министерството за земјоделство, од каде велат дека предмет на истиот се најатрактивните парцели во државата, а на понудените локации освен примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис-план за преработувачки капацитети.
Со огласот ќе бидат опфатени 23 земјишни парцели во 13 региони и тоа: Штип, Гостивар, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Ресен, Св.Николе, Валандово, Гази Баба, Кратово, Берово и Струга – информира ресорниот министер, Љупчо Николовски.
На овие понудени локации освен примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис-план за преработувачки капацитети. Со ова, се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарници, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство.
На огласот што ќе биде по пат на електронско наддавање, имаат право да конкурираат домашни физички и правни лица и странски правни лица.


