Околу илјада поранешни вработени во фабриката Охис денеска протестираа во Скопје. Тие се револтирани бидејќи се уште ги немаат добиено платите што им ги должи државата и реагираат дека институциите си ја префрлаат топката. Иако револтот го искажаа со собир пред владината зграда, Владата смета дека немала ингеренции во стечајната постапка. Во меѓувреме, кругот на оваа некогашна фабрика, веќе со години претставува депонија на индустрискиот токсичен отпад „линдан“. Властите тврдат дека тој ќе биде отстранет и тоа ќе трае од три до пет години.
Пресметките се дека чистењето може да чини од 40-тина до 260 милиони евра, а ќе бидат опфатени и големата и малата депонија во „Охис“ – откри денеска генералниот секретар во Владата, Драги Рашковски.
„Има три типа на решавање на проблемот – биолошка ремедијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство“, изјави Рашковски.
Средствата за оваа намена ќе бидат собрани во Фондот кој денеска се формираше во соработка со Канцеларијата за услуга на проекти на Обединетите нации – УНОПС и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Премиерот, Заев најавува дека следната недела се очекува да биде формиран управувачкиот комитет за решавање на овој долгогодишен проблем.
Илегалната депонија на која како што објави гаенцијата Мета се наоѓаат неколку илјади тони линдан е необележана и не постои знак кој информира дека на тоа место се наоѓа токсичен канцероген отпад кој влијае и на животната средина, но и на човековото здравје.


