Си игра ли некој од власта со најголемиот произведувач на струја во државата РЕК Битола, од каде се обезбедуваат и до 80% од потребите на граѓаните – праша денеска опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека фирмата СВ Инвест која се поврзува со братот на премиерот, Вице Заев пред две месеца добила тендер од РЕК Битола во износ од 22 милиони евра во четири очи.
Се работи за тендер за ангажирање на рударска механизација – тврди партискиот портпарол, Димче Арсовски.
„Од објавената документација се гледа дека СВ Инвест е фирма која нема сопствена механизација и опрема за извршување на работата, туку истата ја изнајмува од 3 различни компании. Потенцираме, фирмата нема ниту една единствена машина за вршење на дејноста, а АД ЕЛЕМ склучува договор во 4 очи од истата во вредност од 22 милиони. Кои биле квалификациите според кои оваа фирма добила тендер, а нема ниту една машина? Според кој метод АД ЕЛЕМ одлучил дека баш СВ Инвест е најдобра за извршување на дејноста, а како што гледаме истата земала телескопски чистач од една, автодигалка од друга компанија, а работници од трета компанија, што знначи не е специфицирана за работа и за задачите кои што ги извршува“, изјави Арсовски.
Од СДСМ реагираа со писмено соопштение, отфрлајќи ги овие информации како лажни и повторно нарекувајќи го раководството на ВМРО-ДПМНЕ антизападно и безидејно.
СВ инвест, нема никаков деловен однос, нема никаква поврзаност со братот на премиерот и претседател на СДСМ и тоа веќе неколку пати е демантирано – велат од власта.
ВМРО-ДПМНЕ не може да сфати дека времето на договорени тендери, криминални провизии и матни зделки беше одлика на нивното владеење и тоа заврши со нивното заминување во опозиција, додаваат социјалдемократите.
Информациите ги демантираше и РЕК Битола, од каде и порачаа на опозицијата да ги чита законите.
Во конкретниот случај, Законот за јавни набавки, според кој беше спроведена споменатата постапка за избор на фирма за ангажирање на рударска механизација. Комисијата за јавни набавки во подружница РЕК Битола при изборот на фирмата ‘СВ Инвест’ за изведувач на работите се водеше исклучиво од законските прописи“, се наведува во демантот на компанијата.


