„Марш на црвените чадори“: Се бараат поголеми права за сексуалните работници – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/18 2:48 PM

„Марш на црвените чадори“: Се бараат поголеми права за сексуалните работници

Фото: Фокус

Создавање безбедни услови за живот и работа, како и превенција од насилство и експлоатација – ова по десетти пат од македонските институции го побараа сексуалните работници. Марширајќи по улицата „Македонија“ во Скопје тие порачаа дека декриминализацијата на нивната работа е најдобра политика за унапредување на нивното здравје и на човековите права воопшто.

„Знаете ли колку пати продавале љубов, а добиле ќотек? Колку пати сакале да повикаат полиција, а им ги земале телефоните? Колку пати имале потреба од полициска и социјална заштита, а си легнувале со затворени усти“,  истакна една од учесничките на денешниот Марш на црвените чадори, кој го организира граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-стар“ во коалиција со „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.

„Во услови на несоодветна институтционална заштита, тие бараат алтернативни начини да се заштитат од насилството, барајќи заштита во макроа, посредници, партнери или работејќи во групи во затворени простори“, изјави директорот на „Стар – стар“, Борче Божинов.

Традиционалниот марш на црвените чадори се организира во рамките на кампањата по повод 17 Декември, меѓународен ден за Стоп на насилството врз сексуалните работници.