Бразилската полиција во централната држава Гојас синоќа соопшти дека „исцелителот“, кој е обвинет за сексуално злоупотребување на повеќе од 300 жени, им се предал на властите.
Телевизијата Глобо јави дека во средата „исцелителот“ повлекол 35 милиони реали (околу осум милиони долари) од неколку свои банкарски сметки. Тоа било причина властите да издадат налог за негово апсење, за да го спречат да сокрие пари.
Скандалот избувна откако минатата недела телевизија Глобо објави истрага со сведоштва на жени за „сексуални чинови“ кои Жоао де Деуш ги извршил врз нив додека „духовно ги лекувал“. Меѓу жртвите е и неговата ќерка, Далија Тешеира. Таа за бразилскиот медиум открила дека татко и почнал да ја силува на нејзина 10-годишна возраст до 14 години.
– Мојот татко е чудовиште, рекла Далва, која сега има 49 години.
Против Жоао Тејшеира де Фарија, познат како Жоао де Деуш, во петокот беше издаден налог за апсење, и му беше даден рок да се предаде до недела во 15 часот по локално време.
Извор:МИА


