Дигитални сообраќајни знаци пред училиштата во Кавадарци – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/18 8:07 AM

Дигитални сообраќајни знаци пред училиштата во Кавадарци

Дигитални сообраќајни знаци пред училиштата  и фонтана во центарот на Кавадарци ќе се постават со средства од кавадаречките ротаријанци. Тие викендов ја одржаа традицоналната донаторска вечер. Парите собрани од истата се наменети токму за овие два проекта. Со оваа донација тие ја продолжуваат низата на реализирани проекти за кавадарчани.

„ Годинашниве средства од донаторската забава ќе бидат за два проекти, подобрување на безбедноста на сообраќајот, со поставување на дигитални сообраќајни знаци пред основните училишта и на неколку критични сообраќајници во градот,  со цел подобрување на безбедноста на децата. Вториот проект е поставување на фонтана чешма во централното градско подрачје“ информира  претседателот на Ротари клуб Кавадарци за ротаријанската 2018/2019 година, д-р Гојче Николовски.

Ротаријанците од Кавадарци одбележуваат 10 години од формирањето на клубот. Во изминативе години тие реализираа бројни донации под мотото „ За децата на Кавадарци“.

Се донираше болничка опрема за детското и гинеколошкото одделение при кавадаречката болница, се изгради инклузивно игралиште за децата со посебни потреби, се набави противпожарно возило и противпожарна опрема. Со средства на ротаријанците се реновираа просториите на Народна техника и играорната сала на Домот на културата,  за градинката беа набавени спортско-дидактички средства, а беше изградено и првото фитнес игралиште на отворено.

 

Ангел Данов