Околу 4500 кавадарчани и голем број правни субјекти во изминатите години не плаќале данок на имот, бидејќи воопшто ги немало во системот на општината. Сега по направеното ажурирање на даночните обврзници и имотот со кој располагаат и останатите кои плаќале, општината ќе обезбеди екстра приход следната година.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев тврди дека оваа неправда веќе била исправена и сега сите ќе плаќаат данок на општината.
„Во јануари годинава направивме комплетно нов софтвер кој е поврзан со катастарот за ажурирање на данокот на имот. Се увидоа големи пропусти. 4500 граѓани воопшто не биле евидентирани да добиваат решение за данок на имот. Сега секој имот е евидентиран по катастарски парцели и по зони. Беа ажурирани и постоечките 8200 даночни обврзници. Беа и тука најдени големи пропусти. Имаше пријавено на пример 200 метри квадратни, а реалниот имот е многу поголем. Без покачување на данокот на имот, Кавадарци ќе добие дополнителни средства од 20 милиони денари, само со направените ажурирања на базата на податоци“ вели Јанчев и нагласува дека дополнителни пари во општинската каса ќе влезат и од над 5000 граѓани кои побарале легализација на дивоизградени објекти и досега не плаќале данок.
По направеното усогласување, голем број граѓани реагираа дека добиле решенија со повисока сума за наплата, но тогаш од општината тоа го образложија токму со направеното ажурирање на реалниот имот со кој располагаат граѓаните, а не дека има покачување на данокот на имот.
Ангел Данов


