Кировски:Претседалот на куќен совет го избравме со поголем број гласови од тој на ЗНМ – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/18 7:52 PM

Кировски:Претседалот на куќен совет го избравме со поголем број гласови од тој на ЗНМ

Денот по изборот на новиот претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) поминува во спорење на бројките и сомнеж дека е постигнато двотретинско мнозинство при изборот, како што пропишува Сттутот. Веднаш по изборот, на ова посочи новинарот Горан Трпеноски, кој како член на Верификационата комисија ги сподели бројките од гласањето.

Од вкупно 555 членови на ЗНМ, присутни биле 175. Гласале 169, од кои 86 гласови за Младен Чадиковски и 77 за Столе Наумов. Останатите 6 се неважечки ливчиња.

Трпеновски реагираше дека во член 34 од Статутот е наведено:

“претседателот на ЗНМ се избира со мнозинство гласови од присутните на изборното собрание“. Математички, тоа значи дека на Чадиковски му биле потребни 88, наместо 86 гласа за победа. Во Правилникот за работа на Собранието стои дека ако еден кандидат го нема потребното мнозинство, треба да се оди на втор круг гласање.

Трпеноски побара ЗНМ да се изјасни дали изборот е завршена приказна или треба да има втор круг.

На прозивките одговори досегашниот претседател на ЗНМ, Насер Селамни, кој отворено лобираше и го поддржа Младен Чадиковски за претседател на новинарското здружение.

-Изборот на Младен Чадиковски е чист како солза, вели Селмани.

Макфакс пишува дека националните телевизии Канал 5 и Телма реагираат на изборот, не го поддржуваат, а еден од директорите јавно го прозва Селмани и се потсмеваше со здружението, што го испровоцира да ги отвори картите. Селмани пишува:

,,Оние што тврдат дека имало малку делегати на Собранието на ЗНМ, сакам само да ги потсетам дека мојот претходник(Роберт Поповски), за претседател беше избран со 15 гласа, на тајна дружба во Маврово.

Директорот Саки (Атанас Кировски) и компанија сакат да не убедат дека 15 гласа на началници во Маврово во 2006 се повредни од 175 гласа на новинари кои на тајно гласање ги избраа нивните претставници! Саки тоа срамно таканаречено Собрание никогаш не го оспори!

ЗНМ кога јас дојдов за претседател имаше помалку од 100 активни членови, денеска има над 750.Саки и компанија се фрустрирани што не успеаја да ги инструментализираат најголеммиот број од колегите да се свртат против нивните колеги!

Остатоците од заробената држава жестоко ќе се борат против демократизација и интеграција на Македонија во ЕУ. Нема да успеат, сигурно!“-пишува Селмани,

 

Директорот на  ТВ Телма, Атанас Кировски, претходно напиша:

„Кај мене во маало, претседателот на куќен совет го избраа со поголем број на гласови. Многу силна организација станала ЗНМ, нема што… Доколку се формира ново здружение на новинарски работници со три-четири пати повеќе активни членови, јасно е кој ќе го има легитимитетот. Друго прашање е дали вреди човек да се замара со тоа. Инаку, за какви проекции си прават муабет доволен е фактот што од Телма гласаа двајца или тројца вкупно. Јас на моите вработени сум им кажал дека е нивна работа дали ќе членуваат во ЗНМ, МАН, Синдикат, или никаде. За жал 98% не ги интересира ЗНМ. Не е тоа до мене Насер друже, до ЗНМ е….“-пишува Кировски.

 

На изборното Собрание на ЗНМ за претседател е избран Младен Чадиковски.

Негов противкандидат беше Столе Наумов од Канал 77.