Кога се разбудив, слушнав викање. Видов луѓе со крв на главата и рацете, слушнав како некои велат дека е „мртов” – опишува младо момче од Битола, еден од патниците од македонскиот автобус кој сообраќаше на линијата Битола – Виена, а се преврте кај Лесковац. Во оваа тешка сообраќајна несреќа загинаа тројца македонски државјани, а 32 лица се полесно и потешко повредени.
На лице место загина еден маж и две жени, а меѓу повредените патници, има бебе од една година и пол и едно деветгодишно дете. Четири патници се со сериозни повреди и се хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш и се надвор од опасност, но нивната состојба се следи постојано.
– Јас не знам кој повика брза помош и полицијата, но наскоро дојдоа неколку амбуланти и лекари. Тие веднаш ни пружија помош. Потоа пристигнаа пожарникари, мислам, од Лесковац и тие не’ извлекоа од автобусот – раскажува младиот човек од Битола, кој е со повреда на раката.
Како што кажаа повредените, тие не знаат како се случи трагична несреќа, бидејќи сите патници спиеле во тој момент. Патниците се претежно помлади луѓе, а некои од нив велат дека отишле да работат во Виена. Сите патници од превртениот автобус добија топол оброк и се сместени во одделенија во празни кревети за да се одморат во очекување дека по нив дојде втор автобус од Македонија.
Според директорот на општата болница во Лесковац, Небојша Димитријевиќ, сериозно повредените, се сместени во одделението за интензивна нега, а има и оние кои се на операција и на Ортопедија.
Повредените патници, чии повреди беа оценети како тешки, беа транспортирани до Ургентниот центар на КЦ во Ниш, каде што се прифатени од дежурните лекари околу 3,30 часот. Покрај повреди, патниците исто така, имаа знаци на тешка хипотермија поради тоа што биле изложени на ниските надворешни температури. По испитувањето и дијагнозатакај тројца се утврдени тешки телесни повреди.
– С.Т. претрпел фрактура, а пациентот И.J. има тешка повреда на `рбетниот мозок со тешка повреда на левата страна на градите. Р.Д. претрпел тешка повреда на градите. Примарниот третман беше завршен околу пет часа. Беа направени дијагностички испитувања и тие беа згрижени во Центарот за реанимација и вонредни состојби, а потоа беа распоредени и испратени до Клиниката за анестезија на Клиничкиот центар во Ниш, велат од Клиничкиот центар во Ниш.
Според полициските информации, македонскиот автобус ја пробил заштитната ограда и се превртел. Истрагата ја спроведува Општинското јавно обвинителство во Лесковац. Како се случи несреќата и причините, ќе биде познато по истрагата.


