На подрачјето што го покрива Полициската станица од општа надлежност од Дебар, почнуваат едукативни предавања на тема „Ризици од употреба на пиротехнички средства”.
Во рамки на кампањата „Биди sвезда не фрлај петарди”, полициски службеници од одделението за превенција во соработка со Црвениот крст ќе ги посетуваат основните училишта во општините Дебар и Центар Жупа и на најмладите ќе им укажуваат на опасностите од пиротехничките средства што можат да се предизвикаат поради користење нелегална пиротехника, незнаење и невнимание при употребата што може да има фатални последици.
– Од ваквите повреди нема заштита. Постои опасност од изгореници на рацете и лицето, на очите и дишните патишта, опасност од експлозија, нагрденост на лицето, можни психички трауми. Не ја расипувај забавата, слави со срце не со оружје, се дел од советите што им ги упатуваат на најмладите, вели Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.
Целта на кампањата е едукација и подигнување на јавната свест кај граѓаните, посебно кај младата популација за опасностите од нелегална употреба на петардите и друга пиротехника.
– Во рамки на кампањата ќе бидат нагласени начините на превенција, како и казнените законски одредби за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место што претставува општа опасност со која се загрозува сигурноста на граѓаните,нагласува Димоски.
Тој посочува дека купувањето и активирањето на петарди или пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради, претставува законски прекршок за кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра. Доколку се набавуваат и дистрибуираат на пазарот, тоа претставува кривично дело за кое е предвидена парична или казна затвор до три години, а родителите на малолетниците што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра, доколку нивните деца испукуваат петарди.
Вакви едукативни предавања во рамки на кампањата, додава Димоски, ќе одржуваат и во училиштата во општините Охрид, Струга и Кичево.


