На единаесет социјално загрозени семејства во Прилеп и во населените места ќе им бидат поделени пакети со прехранбени артикли, собрани од големата хуманитарна акција што од 10 до 13 овој месец ја спроведоа здружението „Епилепсија Македонија” и прилепскиот Црвен крст со поддршка на локалната самоуправа.
Според Деан Бунески, претседател на здружението „Епилепсија Македонија”,
акцијата е успешна и дарувани се голем број продукти иако траеше релативно кратко време.
– Акцијата траеше од понеделникот до четвртокот ( од 10 до 13 декември) со поставени корпи во пет поголеми маркети за граѓаните да даруваат.
Задоволни сме од успешноста и за тој кус период се дарувани и се собрани солиден број артикли: масло, брашно, шеќер, чоколади. Подготвивме единаесет големи пакети за секое семејство по еден и 12 помали пакетчиња наменети за дечиња. Со помош на Црвениот крст, Центарот за социјални работи и со локалната самоуправа во текот на утрешниот ден ќе ги поделиме пакетите на семејствата во градот и во населените места, објаснува Бунески.
Хуманитарната акција насловена „Подај рака, биди човек” е во пресрет на христијанскиот празник „Свети Никола”, патрон празник на Прилеп. Вакви акции кои треба да станат традиција, ќе се спроведуваат и за Божок, Велигден и за други празници.
Извор: МИА


