Миленко Неделковски на 17 јануари на обвинителна клупа за ширење говор на омраза – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/18 12:49 PM

Миленко Неделковски на 17 јануари на обвинителна клупа за ширење говор на омраза

Новинарот и водител, Миленко Неделковски, на 17 јануари 2019 година првпат ќе седне на обвинителна клупа како обвинет за ширење расистички и ксенофобичен материјал на интернет. На Неделковски ќе му суди судијата Марин Станевски, кој го суди случајот со смртта на малата Тамара – објави новинската агенција Макфакс.

Неделковски, за кого е поднесен обвинителен предлог до судот е обвинет дека на 24.07.2018 година, преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност.

Обвинетиот како јавна личност – новинар, на неговиот јавен профил на „Фејсбук“, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше човечки жртви. Неделковски, според обвинението, со коментарот промовирал омраза кон Грците како етничка група, кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, во Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години.