„Ајде да се преброиме“: Протест во Белград против политиките на Вучиќ (Видео) – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/18 12:20 PM

„Ајде да се преброиме“: Протест во Белград против политиките на Вучиќ (Видео)

Неколку илјади граѓани синоќа протестираа во Белград против актуелната власт на претседателот Александар Вучиќ, под називот „Ајде да се преброиме“. Вчерашниот протест следува по минатонеделниот, кој беше под слоганот „Стоп на крвавите кошули“.

Од собирот кој помина без инциденти, граѓаните најавија дека ќе истраат во борбата за победа и дека, како што го победија поранешниот претседател на СРЈ, Слободан Милошевиќ, така ќе го победат и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Протестот започна во 18 часот на платото пред Филозофскиот факултет во центарот на Белград, каде што се обрати академикот Душан Теодоровиќ и актерот Тихомир Станиќ, по што граѓаните се прошетаа до зградата каде што се наоѓа седиштето на српскиот претседател, потоа продолжија пред српскиот парламент, телевизијата Студио Б и Радио Телевизија на Србија.

На граѓаните прво им се обрати академикот Душан Теодоровиќ, кој рече дека нема фер избори, додека Вучиќ е пет часа дневно на телевизија, како и се додека не се средат избирачките списоци. По него зборуваше актерот Тихомир Станиќ.

По нивниот говор на платото, граѓаните ја започнаа протестната прошетка. На чело на колоната беше транспарентот “Стоп на крвавите кошули”, а се носеа и транспаренти “Еден од петте милиони”, “Почнавме”, “Доста мајмунисање повеќе вака не се може”…

Протестот „Ајде да се преброиме” настапи поради наводите од одредени медиуми и актуелната власт во Србија, дека мал број граѓани се имаат собрано за време на протестите на 8 декември, додека организаторите тврдат дека имало повеќе од 10.000 незадоволни граѓани.

Протестот против насилството се одржува во врска со нападот врз лидерот на Српската Левица и еден од основачите на Сојузот за Србија, Борко Стефановиќ и уште двајца активисти во Крушевац, односно против насилството кое, според опозицијата, сегашната власт го прави над оние кои размислуваат поинаку.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, по протестите минатата недела изјави дека нема да исполни ниедно од барањата на опозицијата и пет милиони луѓе да излезат на улиците, поради што една од главните пароли на денешниот протест гласеше „Еден од пет милиони”.