Презентирани одредбите од новиот закон за прекршоци – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/18 5:33 PM

Презентирани одредбите од новиот закон за прекршоци

Управата за јавни приходи (УЈП) денеска пред бизнисмените во Струмица го презентираше новиот Закон за прекршоци.

„Повисоките казни одат во минатото. Ги намаливме во одреден дел казните кај физичките лица за околу 75 отсто со тоа што минималната казна ќе изнесува 15 отсто. Одредени казни кои што беа неколку илјадници евра сега се намалени. Исто така одмерувањето на глобата ќе се воведува согласно бројот на вработени, остварени приходи кај одредено правно лице, како и неговото поведение, односно дали бил казнуван или не“, изјави Сања Лукаревска, директор на УЈП.

За фирмите кај коишто прв пат ќе биде регистриран прекршок, покрај опомената ќе биде спроведена и едукација, но ако и покрај тоа направат повеќе прекршоци ќе бидат санкционирани.

Директорот на пазарниот инспекторат Стојко Пауновски истакна дека нема да има селективност ниту кај правните ниту кај физичките лица.

Лукаревска, одговарајќи на прашање во врска со регистрацијата на персоналниот данок, рече дека со казни ќе се соочат сите оние лица кои оствариле дополнителен приход а не се регистрирале. Околу 500.000 физички лица досега се регистрирале преку системот на УЈП. Пензионерите засега се ослободени од таквата обврска.