ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид со сочувство за смртта на градоначалникот – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/18 5:15 PM

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид со сочувство за смртта на градоначалникот

Со огромно жалење и неверување ја примивме трагичната вест за смртта на градоначалникот на Охрид, г. Јован Стојаноски, истакнуваат попладнево во писмено соопштение од ВМРО-ДПМНЕ Охрид.

Смртта со нејзината немилосрдна конечност е вест која секогаш нѐ остава неми и понизни пред силите кои го движат светот, а се над нашата моќ дури и да ги разбереме, а камо ли да влијаеме на нив. Најтрагична од сите пак е веста за конечно завршување на животот на млад човек кој сѐ уште има долг пат да оди и уште многу да му даде на светот – велат од партијата.

Тој беше член на Советот на општина Охрид во тек на еден мандат. За тој период во кој имаше бројни дебати за важни прашања во кои имавме различни ставови, ние сепак успеавме да изградиме завидно меѓусебно почитување и разбирање. Тоа се рефлектираше и на предизборната кампања која го задржа потребното ниво на политичка култура пред сѐ заради мирниот и неконфликтен карактер на кандидатите. Почитувањето се задржа и во целата една година додека ја извршуваше функцијата градоначалник како конструктивен политичар, стои во соопштението од опозицијата.