Состанокот кој го одржа извршниот комитет на ЕХФ во Париз ова попладне ќе остане запаметен по круцијалните промени кои ќе бидат извршени во најголемите европски клупски натпреварувања, бидејќи од сезоната 2020/21, Лигата на шампионите и актуелниот ЕХФ куп ќе добијат комплетно нов формат.
Челниците на извршниот одбор ги изгласаа реформите кои во принцип треба да го направат ракометот многу повозбудлив и поинтересен за фановите, а според кои, Лигата на шампионите од сезоната 2020 ќе број дури 12 тима помалку од сега. Ако сега во Лигата на шампионите се распоредени 28 тима, за две години отсега, во најелитното натпреварување ќе ги гледаме само најдобрите 16 екипи во Европа. Ова значи дека во првата фаза ќе имаме само две групи (како актуелните А и Б во кои играат најсилните тимови), по што ќе се формира четвртфинале, а потоа и фајнал-фор турнирот кој и натаму ќе се игра во Келн.
Промена ќе биде и тоа што натпреварите веќе нема да се играат од среда до недела, туку предвидени се само два дена, среда и четврток. Ова е нешто слично како фудбалската Лига на шампионите, каде традиционално со години натпреварите се играат само во вторник и среда, со исклучок на големото финале.
Она што се уште не е познато е тоа кои 16 тимови ќе се најдат во Лигата на шампионите, но првичните претпоставки велат дека ќе станува збор за осумте шампиони на најдоброрангираните домашни првенства во Европа, плус осум екипи кои ќе добијат вајлд-карта.
Промени ќе има и во второто по ранг натпреварување, кое од сезоната 2020/21 ќе се вика Европска ракометна лига, а истата ќе биде сочинета од 24 тима кои ќе бидат поделени во четири групи.


