Расте бројот на заболени од мали сипаници во Европа – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/18 12:09 PM

Расте бројот на заболени од мали сипаници во Европа

Според неодамнешниот извештај од Европскиот центар за превенција и контрола на болести, најмногу заболени има во Грција, Франција, Италија, Романија и во Велика Британија, каде што се евидентирани 85 проценти од сите случаи. Од мали сипаници починале 33 лица оваа година.

– Малите сипаници продолжуваат да се шират во Европа, бидејќи процентот на вакцинација во земјите е помал од тоа што треба да биде – велат од Европскиот центар за превенција и контрола на болести.
Слична е состојбата и во Македонија. Во 2016 година не бил регистриран ниту еден случај на мали сипаници на територијата на државата.

– Во 2017 година, во Република Македонија се регистрирани вкупно 19 случаи на мали сипаници, десет од нив поврзани со епидемија на територијата на Центарот за јавно здравје – Скопје. Епидемијата почна во септември, а одјавена беше на 16.11.2017 година. Другите беа поединечни случаи, шест пријавени од Скопје и по еден од Струга, Прилеп и од Тетово – информираат од Центарот за јавно здравје.

Оттаму додаваат дека, според возрасната група, десет деца се на возраст до четири години, по еден случај припаѓа на возрасните групи од пет до девет, 15-19 и 20-29 години, два се од десет до 14 години и четири случаи се возрасни, над 30 години.

– Од вкупно регистрираниот број на случаи, 14 не се вакцинирани, четири лица на возраст над 29 години биле вакцинирани со една доза, а едно лице со две дози. Индексниот случај во епидемијата беше невакцинирано дете, кое имало контакт со сомнителен случај во Косово – информираат оттаму.

Оваа година, пак, во Македонија се пријавени 51 случај, класифицирани како мали сипаници. Од нив, 41 се лабораториски потврдени, девет случаи се веројатни, односно имаат епидемиолошка поврзаност, а само еден случај е можен случај, со клиничка слика на мали сипаници и не е лабораториски испитан.

– Во текот на 2018 година, најголем број регистрирани случаи на мали сипаници се од територијата на Дебар, 20 лица се жители на територијата на Центар за јавно здравје – Скопје, по два од случаите се од Охрид и Куманово, а по еден случај е од Тетово и Струга. Според распределбата по пол, 28 лица се машки, 23 женски. Според распределбата по возрасни групи, најголем број од случаите, или 47,1 проценти, припаѓаат на возрасната група над 30 години, 34 проценти од заболените се деца на возраст до четири години – велат од ЦЈЗ.