Рамнотежата на сајбер-моќта – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/18 9:33 AM

Рамнотежата на сајбер-моќта

САД, Кина и Русија имаат најразвиени сајбер-оружја и затоа се сметаат за сајбер-суперсили на глобалната сцена. Нивните сајбер-капацитети се еднакви со нивните конвенционални воени моќи, како во случајот со САД, или дури и се поефикасни, како во случајот со Кина и со Русија. Други важни актери во глобалниот сајбер-простор се Франција, Индија, Иран, Израел и Северна Кореја

Американската сајбер-моќ

САД и понатаму се лидери во сајбер-капацитетите. Ова не треба да биде изненадување, затоа што тие го измислија Интернет и учествуваа во „неговото креирање“. Притоа, САД имаат долга историја на искористување на компјутерските мрежи и манипулирање со информациската технологија за да ги развијат собирањето разузнавачки материјали и воените цели. Што се однесува до развојот на Интернет, многу клучни технолошки постигнувања и капацитети потекнуваат од САД. Доверливите информации што ги објави во јавност Едвард Сноуден дадоа увид во обемните капацитети на дефанзивните и офанзивните оружја на Америка. Ваквиот широк спектар сајбер-алатки им дава на политичарите стратегиска флексибилност и можности што не ги поседуваа пред сајбер-ерата. Класичен пример за тоа е кога во 2010 година САД и Израел ја развија и спроведоа операцијата „Олимписки игри“, која сега е позната како вирусот „стакснет“. Во познатиот напад беа уништени ирански нуклеарни центрифуги и беше одложен процесот на нивниот нуклеарен развој. Ова беше првиот јавно познат пример на сајбер-напад што предизвика физичка штета. Вирусот „стакснет“ беше само почетокот. Наводно, САД имаат спроведено поголеми мисии за да можат да извршуваат сајбер-напади и да предизвикаат штета во повеќе важни системи во Иран. Треба да очекуваме и да предвидиме дека се развиваат слични капацитети за напади на компјутерски мрежи за да се искористат против непријателите на САД.

Историски гледано, употребата на ново оружје секогаш провоцира одговор. Иако сајбер-капацитетите им дадоа нови можности на политичарите, тие исто така направија негативен преседан во однос на воспоставувањето меѓународни норми за регулирање на употребата на сајбер-оружја.

По 2010 година, агресивноста на американските непријатели само се зголеми во сајбер-просторот. Иако САД ја имаат целокупната предност во сајбер-капацитетите, Кина, Русија и другите држави развија свои и не се двоумат да ги употребат. Со зголемувањето на важноста на вештачката интелигенција и квантните компјутери, треба да се нагласи дека САД не се доминантни во овие области. Во 2017 година, Владимир Путин истакна дека „кој ќе стане лидер во сферата на вештачката интелигенција ќе владее со светот“.

Кина го сфати ова здраво за готово, па дефинитивно ќе следува трка за модерно вооружување во развојот и воената примена на квантните компјутери и вештачката интелигенција.

Кинеската сајбер-моќ

Кина располага со напредни капацитети, но барем досега беше фокусирана на искористување на мрежите наместо мрежни напади. Кинеската немилосрдна употреба на сајбер-шпионажа ги разгневи САД, затоа што во нападите на компјутерските мрежи беа украдени огромни количества податоци што Кина ги искористи да ги усоврши разузнавачките и воените капацитети, како и да ги поттикне својата економија и корпорациите со тоа што им овозможи да си ги намалат трошоците за истражување и развој. Кинезите успеаја да влезат во најнапредните системи за оружје. Нормално, тие особено го насочија своето внимание кон американските компании за одбрана и ги искористија украдените податоци за да ги елиминираат разликите во традиционалните капацитети на оружје. Кина ги помести границите и дури и ги надмина во однос на мрежните упади. Од случувањата што ѝ се познати на јавноста, најзначајно и најпогубно за Америка беше кога Кина во 2015 година упадна во базата на податоци на американската агенција за вработување. Во овој упад беа компромитирани личните податоци на над 20 милиони луѓе, вклучувајќи и многу од разузнавачката сфера.