Пратениците сега имаат голема одговорност да покажат вистински дијалог и да се придржуваат на демократските стандарди, а со тоа да бидат позитивен пример за целото општество. Преспанскиот договор е историски и процесот треба да биде завршен – истакна денеска британската амбасадорка во Македонија, Рејчел Галовеј на одбележувањето на 25 годишнината од дипломатските односи и потпишување нов Меморандум за соработка на Собранието на РМ со Вестминстер форндацијата.
„Вие пратениците на овој дом имате голема одговорност сега да покажете вистински дијалог, да се придржувате на демократските стандарди, да работите на процесот на помирување со тоа поставувајќи позитивен пример низ целото општество додека се придржувате на владеењето на правото. Работата на Собранието претставува значаен придонес во евроатланската агенда на Македонија. Преспанскиот договор е историски договор што и’ овозможува на Македонија да ги следи своите стратешки цели. Сега е важно процесот да биде завршен со јасен фокус на пренесување на неспорниот избор на граѓаните да бидат дел од евроатланската заедница“, рече Галовеј.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери во својот говор истакна дека Велика Британија во изминатите 25 години се покажала како голем и вистински пријател на Македонија и на Собранието.
„Јас верувам дека овој парламентарен состав сака и има капацитет да ги исполни своите обврски, особено да заврши процесот на уставните промени со што ќе се отвори пат за следните фази, за кончено потоа да станеме полноправна членка на НАТО и да очекуваме отворање на преговорите за полноправно членство во Европската унија“, истакна Џафери.
Амбасадорката Галовеј рече дека денеска започнува нова фаза на британско – македонското партнерство и ова е одличен начин да се одбележат 25 години од билатералните односи меѓу двете земји воспоставени во декември 1993 година. Веќе четвртина век, како што додаде таа, Собранието е клучно за соработката.
„Овој дом е јадрото на македонската демократија. Разновидноста на мислењата што ги нуди ја претставуваат разновидноста на гледиштата на македонското општество и на барањата на гласачите. Собранието е домот на дебатата и бојното поле на идеите“, рече Галовеј.
На 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Велика Британија, Собранието на Република Македонија и Вестминстер фондацијата потпишаа нов Меморандум за соработка. Овој пат акцентот е ставен на финансискиот надзор, постзаконодавниот надзор, вклучувањето на независните институции и регулаторните агенции во процесите на вршење надзор.


