Младите од Битола синоќа имаа можност да слушнат пет успешни приказни на бизниси од Битола кои успешно работат со меѓународни клиенти. Целта на панел дискусијата насловена како „И од Битола се може(и)“ беше да ги охрабри младите од пелагонискиот регион за да започнат сопствен бизнис тука и дека не секогаш успехот треба да се бара надвор од земјата. Својата приказна ја раскажа Благоја Стојчевски, млад битолчанец кој успешно од Битола ја води својата компанија за дизајн на продукти и електроника која работи на странскиот пазар.
-Секој почеток е тежок, почнуваш со некоја стратегија, учиш постапно, некогаш дел од стратегиите мислиш дека се генијално, но не функционираат, потоа менуваш, работиш постојано. Тоа е долг процес, кој бара многу работа, вели претприемачот Благоја Стојчевски.
Една од компаниите која од Битола успешно работи на меѓународниот пазар изработувајќи софтвери е компанијата Interworks.
Презентацијата беше дел од повикот за апликации во пилот акцелераторската програма за стартапи на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола и ПРЕДА Плус, поддржана од Европската Унија која има за цел поддршка и унапредување бизнис идеи на млади луѓе од Пелагонискиот регион.
– Во пелагонискиот регион има многу креативни луѓе на кои им е потребно охрабрување. Има интерес, има и добри идеи и им треба малку ветер во грб. Финансиите не се пресудни, ако има добра идеја, финансиери се наоѓаат, вели Маријана Милевска, директор на Преда Плус Фондација за одржлив економски развој.
Повикот е отворен до 24 декември, а ќе бидат избрани 60 млади до 35 години кои потоа ќе имаат шестмесечен тренинг.
Маја Богоевска


