Фото: Фокус
Се бара начин паркингот на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ да се врати во владение на Клиничкиот центар – тврди министерот за здравство, Венко Филипче. Тој вели дека се размислува таму да се изградат и две катни гаражи, со цел да се се отворат дополнителни паркинг места.
„Треба да се разгледа договорот како тој бил преземен од страна на Град Скопје пред неколку години. Ќе се разгледува можноста во решението да ги вградиме и активностите кои се во тек, а во смисла на целосно решавање на сообраќајниот хаос. Се надевам дека за ден-два ќе имаме некакво алтернативно правно решение за тоа како би можеле евентуално да го преземеме паркингот, а во истовреме да работиме на унапредување на нашиот капацитет да може тоа да функционира“, изјави денеска Филипче.
Вработените во Клиничкиот центар пак, по трети пат протестираа во знак на револт од одлуката на Град Скопје, цената на месечниот билет за паркинг за нив да се зголеми.
Здравствените работници ја блокираа наплатната рампа во Клиничкиот центар од 10 до 10:30 часот и не им дозволуваа да наплаќаат на сите што излегуваа од Клиниката.
Претседалот на синдикатот на Клинички центар, Горан Беговиќ истакна дека со колегите воопшто не се задоволни од состојбите во здравството, вклучувајќи го и покачувањето на платите за пет проценти.
Ресорниот министер пак, одговарајќи на новинарско прашање реше дека не е запознаен дека синдикатот освен забелешките за паркингот има и забелешки во врска со покажувањето на платите.
Рече дека на поранешните средби со синдикатот укажале дека ова во моментот е максимумот што може да го дадат и оти тоа е процес во кој ќе се инвестира и во наредните години за да се исполнат ветувањата за основна плата на лекарите специјалисти:
„Излеговме во пресрет и на дополнителните барања на медицинските сестри. Предвиденото зголемување за септември ние го префрливме во јануари затоа што се обезбеди и дополнителна сума на пари, но и да се разгледаат некои дополнителни барања од страна на медицинските сестри во Клиничкиот центар во однос на нивните коефициенти бидејќи навистина наследивме хаотичен систем. Има различни коефициенти, различен начин на пресметување на платите, различно признаени дипломи за високо школо на некои медицински сестри да, а на некои не“.
Во меѓувреме, протестите на Комплексот клиники во Скопје продолжуваат и понатаму. Вработените најавија блокади и следните денови во истиот период како денеска.


