Пензионерите од Неготино изградија нов пензионерски дом – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/18 3:15 PM

Пензионерите од Неготино изградија нов пензионерски дом

Здружението на пензионери од Неготино изгради осум станови за свои членови кои имаат ниски примања и немаат свој дом.

Претседателот на здружението, Петар Захарчев информира дека во моментов во становите се сместени два брачни пара и шест други пензионери со ниски примања.  Проектот кој го реализира неготинското пензионерско здружение е со вредност од  околу девет милиони денари, сопствени средства на здружението.

-Со едно домаќинско работење успеав да изградам нов пензионерски дом со осум стана.  Беше распишан оглас и становите се доделија на луѓе на кои им се најпотребни.  Се гордеам што сме единствено здружение во Македонија што  успеавме со сопствени средства да го изградиме овој дом. Станарите  ќе плаќаат по 1.200 денари месечно“ вели Захарчев.

Тој појаснува дека во изминатиот период континуирано се помагаат по загрозените пензионери.

„Знаеме да дадеме еднократна помош за пензионери со минимални пензии, а за нив субвенционираме и половина од средствата за максимум десетдневно бањско лекување“ додава Захарчев.

Неготинските пензионери покрај хуманоста се активни и на спортски, и културен план.

 

Ангел Данов