Храната може да биде и отров и лек. Од неа во голема мера зависи целокупното наше здравје. Со нејзина помош може во значителна мера да го подобриме нашиот имунитет и да се одбраниме од разни патогени бактерии, вируси, габи и токсични агенси. Во продолжение дознајте со кои намирници може да да си обезбедите силен имунитет и оваа зима да уживате без здодевните грипови и настинки.
Лук за посилен имун систем
Не е ни чудо зошто уште од далечното минато, на лукот му се припишувале голем број лековити карактеристики. Тој одамна се користи како храна, но и како лек. И, иако е многу популарен, на многу луѓе не им е омилен. Денес се знае дека лукот има антивирусно дејство, а помага и против бактерии, паразити и благотворно влијае на целиот организам. Поради неговиот интензивен мирис и вкус, може да го консумирате во комбинација со јогурт или магдонос. На тој начин ќе се неутрализира неговата арома и изразениот мирис подоцна.
Ѓумбир за силен имунитет
Во последно време ѓумбирот е мошне популарен, а тоа е така затоа што тој е многу делотворен во зајакнувањето на имуниот систем. Докажано делува против воспалителните процеси, па е одлично решение против грип и настинка. Ѓумбирот е исто така моќен антиоксидант, а антиоксидантите се едни од главните супстанции кои го зајакнуваат имуниот систем. Една од нивните задачи е да му помогнат на организмот да ги елиминира слободните радикали. Со оглед на тоа што е тешко да се изеде поголема количина на ѓумбир или било која храна за да се задоволат зголемените потреби на организмот, во одредени ситуации е добро да земеме суплементи.
Цинк за зајакнување на организмот
Цинкот е многу значаен минерал кој помага за зајакнување на имунитетот.Може да се каже дека често го запоставуваме, а треба да се внесува во поголеми количини, особено во зима. Тоа е така, бидејќи цинкот е неопходен за правилно функционирање на телото како целина. Го поттикнува создавањето на белите крвни зрнца и коскената срж, кои се неопходни во борбата на организмот против разни патогени бактерии. Покрај тоа, спречува воспаленија и создава бариера на слузокожата на носот и грлото со што го спречува навлегувањето на грипови во телото. Добар извор на цинк е храната од животинско потекло како јајца, пилешко, телешко, мисиркино месо, но и морските плодови, школки, ракови, туна и сл. Од растителните извори на цинк ги издвојуваме бадемите, гравот, пченицата, интегралните житарки и семките од тиква.
Овес за отпорно тело
Овесот најчесто го јадеме за појадок. Брзо се припрема, а обезбедува доволна количина на енергија која му е потребна на организмот за почеток на работниот ден. Оваа житарка изобилува со хранливи материи. Ризница е на магнезиум, јод, цинк, калиум, фосфор и многу други минерали. Благотворно влијае на организмот кога сме под стрес и ги намалува симптомите на депресија. Исто така, има антиоксидантно дејство кое совршено го чисти организмот од штетни материи и на тој начин го зајакнува имунитетот. Ги подобрува когнитивните способности, позитивно влијае на концентрацијата, меморијата и ја подобрува способноста за учење.
Превземено од: sezahrana.mk


