Само две компании се пријавија на повикот за универзален снабдувач со струја. ЕВН и ЕЛЕМ Трејд се конкурентите кои влегуваат во трката за избор на фирма што ќе ги снабдува домаќинствата и малите фирми кои кои нема да сакаат да купуваат струја од либерализираниот пазар.
Која фирма ќе биде избрана ќе се знае максимум за 86 дена, бидејќи дотогаш е рокот кој и’ стои на располагање на Комисијата за спроведување на постапката за избор на Универзален снабдувач.
Претседателот на комисијата, Глигор Каневче е оптимист дека постапката ќе заврши до Нова година. Тој појаснува дека доколку компаниите ги исполнуваат условите ќе бидат поканети да учествуваат на електронска аукција, по принцип на негативно наддавање на понудената маржа која во моментот од страна на ЕВН е 14, 4 % проценти, а бруто маржата што ЕЛЕМ Трејд ја наведува во својaта понуда е 14, 9 %.
„Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде избран за најповолен и ќе биде поканет да го потпише договорот за Универзален снабдувач со електрична енергија“, појасни Каневче.
Доколку овој тендер пропадне, ќе биде распишан нов.
Пазарот со електрична енергија во земјава, треба да се либерализира од 1 јануари идната година.


