Како се одвивало бегството на Груевски – за две недели ќе покаже предистражната постапка – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/18 6:32 PM

Како се одвивало бегството на Груевски – за две недели ќе покаже предистражната постапка

Унгарски новинар го лоцираше поранешниот македонски премиер, Никола Груевски во познат ресторан во Будимпешта. На видеото кое го објави унгарскиот портал „24“, а кое веќе се шири и во македонскиот медиумски простор, се гледа како Груевски по излегување од ресторанот се упатува кон возило со затемнети стакла и со унгарски регистерски таблички. Новинарот го праша Груевски како избегал од Македонија, но тој одби да одговори.

Како се одвивало бегството на екс премиерот треба да покаже предистражната постапка на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а обвинителката Вилма Рускоска вели дека резултатите очекува да бидат соопштени во наредните две недели.

„Добив информација од колегите од Црна Гора дека ги прибрале сите снимки што ни се потребни, па во понеделник, а можеби и вторник ќе одиме да ги преземеме. Колегата од Црна Гора ургираше Албанија да ни го достави и тоа што тие го имаат“.

Екс премиерот вчера беше и фотографиран во Будимпешта,  а Рускоска денеска информираше дека ќе утврдуваат од каде потекнува, односно кој ја направил истата:

„Јас синоќа ја видов фотографијата, така што веројатно ќе видиме од каде потекнува и кој ја сликал. Во Обвинителството ќе бидат повикани сите за кои сметам дека може да дадат одредени информации во врска со бегството. И досега сослушував лица од неговото обезбедување, така и ќе продолжиме”.

Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и од унгарските власти побараа да го екстрадираат во земјата, но како што изјави денеска министерката за правда, Рената Дескоска  оттаму се’ уште не е добиен никаков одговор.