Нема амнестија за организаторите на „крвавиот четврток“: Предлог текстот е готов – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/18 3:56 PM

Нема амнестија за организаторите на „крвавиот четврток“: Предлог текстот е готов

Нема амнестија за организаторите и за оние кои извршиле физичко насилство за време на протестот кој се случи лани на 27 април во Собранието. Вака предвидува Предлог законот за амнестија кој денеска го подготви подгрупата за помирување во Законодавниот дом, а текстот треба да биде одобрен и Координативното тело.

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ кој е на чело на оваа подгрупа, очекува во најбрз рок да се свика седница за да се разгледа текстот, да добие законска форма и да влезе во собраниска процедура.

„Оставивме можност за сите кои сакаат да го продолжат процесот. Секое лице да поднесе барање за амнестија во понатамошната постапка. На овој начин може процесот да продолжи, да има правна завршница, но и дел од лицата да може да добијат амнестија. Тоа е прв чекор кон релаксација на односите“, потенцираше Рамчиловиќ.

Пратеникот не сакаше да каже дали ќе има преквалификација на делото, ниту дали ќе чекаат да заврши судскиот процес.

Обвинителката Вилма Рускоска која го води предметот за таканаречениот „крвав четврток“, во изјава за телевизија Телма вели дека преквалификација на делото може да изврши само обвинителот:

Јас немам намера во оваа фаза да вршам преквалификација на кривичното дело, се’ додека овој закон, што слушам денеска е стигнат во собранието, не стапи на сила“.

Во врска со Предлог законот, пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека треба да има целосна амнестија за ланскиот протест во Собранието. Тој потенцираше дека партијата нема да учествува во работата на телото за помирување, зашто според него, станува збор за политички пазарења поврзани со уставното име Република Македонија.