Кампањата „И родителството се учи“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/18 3:33 PM

Кампањата „И родителството се учи“

Една од најважните лекции за сите родители е разбирањето дека и родителството се учи, беше порачано на трибината која се одржа вчеравечер во Гостивар, во рамки на кампањата за позитивно родителство, што се спроведува во Република Македонија.

За развојот на децата во првите години од животот, влијанието на исуствата доживеани во детството во натамошниот живот и родителските стилови и ефекти пред гостиварци зборуваше Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

– Секој родител е посебен и врската меѓу родителот и детето, љубовта меѓу нив , исто така е посебна. Последните неколку децении научивме многу за начинот на кој растат и се развиваат децата и начинот на којшто имаат оптимална можност за среќен живот. Науката докажа дека во првите години од животот човечкиот мозок се развива со брзина која никогаш потоа нема да се повтори. Секое поединечно искуство на детето влијае врз развојот на мозокот и го обликува начинот на кој тоа размислува, чувствува, се однесува и учи во текот на животот изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

На настанот се обратија и професорките Фиторе Бајрами Абди и Алма Тасевска. „Многу е важно родителите да им дозволат на децата да ги истражат границите на своите можности, да им даваат поттик и да бидат толерантни кон неуспех”, порача Абди.