Референдумот ја одложи новата петгодишна Стратегија на АВМУ – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/18 1:32 PM

Референдумот ја одложи новата петгодишна Стратегија на АВМУ

Доцнат медиумските реформи во земјава. На две недели до крајот на 2018- та, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се’ уште ја нема донесено петгодишната Стратегија за аудиовизуелната област, која според најавите, требаше да биде готова оваа година. Директорот на Агенцијата, Зоран Трајчевски вели дека документот е во нацрт верзија, за која во следните десетина дена ќе закажат и јавна расправа.

Тој тврди дека усвојувањето на Стратегија е одложено поради референдумот за Договорот со Грција кој меѓу другото „наметна“  работни активности и за медиумското регулатораторно тело.

„Во нацрт верзијата се мапирани и анализирани состојбите во повеќе области и врз основа на добиените сознанија се предвидени активности со  кои јасно ќе се позиционира улогата на регулаторот во поттикнување на развојот на дејноста. Заради обезбедување на сеопфатни сознанија беа спроведени длабински интервјуа со претставници на телевизиската и радиската индустрија и на рекламните агенции“, посочува Трајчевски. Тој најавува дека документот ќе се базира на шест аспекти на работењето на медиумите  во кои ќе се очекува да се обезбеди подобрување на состојбите со активностите во наредниот петгодишен период и тоа – професионалност и уредувачка независност на медиумите, заштита и развој на медиумски плурализам, заштита на човековите права во медиумските содржини, поттикнување на развојот на пазарот и конкуренцијата, обезбедување регулаторна рамка која овозможува понатамошен развој на медиумска писменост.

Во владиниот реформски План 18 пак, медиумите воопшто ги нема, на што реагираше Здружението на новинари на Македонија.  Драган Секуловски од ЗНМ вели дека за ова побарале одговор и од Владата, која посочила дека најголем дел од реформите се реализирани, зашто дел од законите со кои треба да се уреди медиумскиот простор се испратени во Собранието, каде повеќе месеци се блокирани.

Министерот без ресор, задолжен за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски нагласува дека кога Владата вели дека завршила некоја обврска, смета дека тоа поминало на владина седница и не може да се меша во собраниските процеси.

Според Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, новото законско решение не е доволно. Тој вели дека тоа е само прв чекор во медиумското реформирање во Македонија, но потребни се измени и во други закони, меѓу кои и онојза клевета и навреда.

Инаку, новиот Закон за медиуми, опозицијата го оспори со поднесени неколку десетици амандмани, за кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека не го кочат процесот.