Во Кавадарци, Неготино и Велес регистрирани 70 отсто од граѓаните за е-персонален – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/18 12:18 PM

Во Кавадарци, Неготино и Велес регистрирани 70 отсто од граѓаните за е-персонален

70 отсто од граѓаните во Кавадарци, Неготино, Росоман, Демир Капија и Велес ја завршиле обврската за регистрација во системот на УЈП за е-персонален данок, информираа од регионалната дирекција на управата во Прилеп.

Се апелира до сите граѓани кои покрај плата, остваруваат и дополнителни приходи најдоцна до крајот на годината да се регистрираат во системот на УЈП:

„Секое физичко лице кое во текот на 2018 година остварило приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход, како што се плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, од дивиденда, од добивки од игри на среќа, од странство и/или други приходи треба да се регистрираат на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp.gov.mk- вели Менче Шалева од даночното одделение на УЈП во Кавадарци.

Таа појаснува дека отпечатеното Барање за регистрација  се поднесува во надлежната даночна канцеларија на УЈП лично, со приложување на документ за лична идентификација или преку полномошник со документ за негова идентификација и полномошно заверено на нотар.

„Заклучно со денеска изутрина на ниво на Македонија регистрирани се 463 387 лица. Регионална дирекција Прилеп има регистрирано 65 362 лица, а во Велес, Кавадарци и Неготино кон регистрација пристапиле 70% од граѓаните“ информира Шалева и  нагласи дека доколку граѓаните не се во можност да го отпечатат барањето за регистрација тоа можат да го направат во Управата за јавни приходи.

 

Ангел Данов