Педесетина средношколци сместени во ученичкиот дом „Крсте Петков Мисирков“ во Кавадарци се без храна. Добавувачот ја прекинал испораката бидејќи интернатот должел 150.000 денари. Учениците кои се сместени во оваа установа се од други градови во земјава и за проблемот со немањето храна реагираат нивни блиски.
Дознаваме дека долгот настанал поради неисплатена партиципација за ноември и декември.
Ваквата информација за канал 77 ја потврди и директорката Трајанка Толева.
„Храна немаме поради долг кон добавувачот. Но греењето е без проблеми“ ни рече во телефонски разговор Толева.
Од Министерството за образование и наука, известуваат прекинот во исплатата настанал поради ребалансот на буџетот. Било неопходно да се направи и промена на програмите на Министерството за образование и наука, меѓу кои и Програмата за ученички стандард, преку која се исплаќаат и средствата за финансирање на работата на ученичките домови. Без измена на програмите, исплатите не можеле да се реализираат.
Од министерството нагласуваат веќе измените на програмата биле усвоени и истата била објавена во Службен весник по што отпочнала и процедурата за префрлање пари за ученичките домови.
„Дополнително, информираме дека со последните иницирани измени на Законот за ученички стандард, предвидена е можност Министерството за образование и наука да ги поддржи ученичките домови преку обезбедување на дополнителни финансиски средства, надвор од планираните годишни буџети и одвоени парични износи по тој основ, а во насока на непречено одвивање на нивната работа“ информираат преку писмено известување од Министерството за образование и наука.
Ангел Данов


