Неготино нема мерна станица за квалитет на амбиенталниот воздух – ММС
ММС

Објавено на: 12/11/18 1:44 PM

Неготино нема мерна станица за квалитет на амбиенталниот воздух

Неготино  е меѓу ретките градови во земјава каде граѓаните најчесто дишат чист воздух, велат од општината. Но дали ваквото тврдење е реално, се прашуваат граѓаните, од причина  што во овој град нема инсталирано опрема за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух.

И во овој град,  најголем дел од домаќинствата, домовите во текот на зимата ги загреваат со дрва. Не е мал бројот и на граѓани кои во казаните за ракија ставаат пластика и гуми како енергенс.

„Во текот на утринските  и попладневните часови воздухот навистина е чист. Додека мали загадувања се почувствуваат во текот на вечерните часови. Ова поради тоа што најголем број домаќинства се греат на дрва. Општина Неготино нема големи индустриски капацитети кои би придонеле за загадување на амбиенталниот воздух“ вели портпаролот на општина Неготино, Методи Митрев.

И покрај малото загадување на воздухот, сепак комуналните редари на терен редовно вршеле контроли.

Конкретно на терен се присутни по двајца- тројца комунални редари кои ги обиколуваат домовите на граѓаните и доколку регистрираат појава на горење материјали кои со согорување го загадуваат воздухот се опоменуваат. Доколку повторно се случува истото се изрекуваат казни,  во согласност за позитивните законски прописи“ вели Митрев.

Информациите кои доаѓаат од трговците низ Неготино говорат дека се поголем број граѓани традиционалните шпорети на дрва ги заменуваат со печки на пелети но и други енергетски ефикасни грејни тела.

 

Ангел Данов