Планинарскиот спортски клуб „Голак” ја доби престижната награда „Даре Џамбаз” – ММС
ММС

Објавено на: 12/11/18 11:06 AM

Планинарскиот спортски клуб „Голак” ја доби престижната награда „Даре Џамбаз”

Федерацијата на планинарски спортови на Македонија го додели престижното признание „Даре Џамбаз”. За постигнатите резултати во планинарството за 2018 година, највисокотот признание оваа година го поделија четири клуба. Планинарски спортски клуб „Осогово” од Кочани, ЗПСК „Кожуф” од Гевгелија, Планинарски клуб „Македон” од Скопје и делчевскиот Планинарски спортски клуб „Голак” од Делчево. За претседателот на ПСК „Голак” Љупчо Чучуковски наградата ќе значи многу во насока на уште поголемо залагање на клубот во наредната 2019 година.

-Посебно сум среќен не само како претседател на ПСК „Голак” од Делчево, туку и како координатор во југоисточниот регион од каде има дури три клубови кои ја понесоа оваа значајна награда. Сите 4 клуба на свој начин дадоа свој допринос во планинарството и заслужено го поделија првото место. Ова за нас ќе биде мотив плус да продолжиме и во идниот период со нашите зацртани цели и целите кои ни ги постави федерацијата.

Оваа награда како што истакна Чучуковски е награда за залагањето на сите членови на ПСК „Голак” од Делчево и огранокот ПСК „Сосна” Берово, како и на планинарите од Берово, Велес, Пехчево, М.Каменица и други градови од Македонија, како и повремените членови од градовите Пештера, Самоков и Софија од Бугарија.

Признанијата беа доделени од страна на претседателот на ФПСМ, Проф.Д-р Јовица Угриновски.

Валери Спасевски