ВМРО-ДПМНЕ бара аферата со прислушувањето да ја расчисти независно тело предводено од опозиционер – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/18 3:44 PM

ВМРО-ДПМНЕ бара аферата со прислушувањето да ја расчисти независно тело предводено од опозиционер

Да се формира независно тело кое ќе ја расчисти најновата афера со прислушувањето на обвинителите – бара опозицијата.  ВМРО-ДПМНЕ предлага таквото тело да биде предводено од човек од опозицијата, со цел да ги преслуша, анализира и систематизира материјалите од прислушувањата. Ова беше едно од низата барања кои денеска на прес конференција ги истакна партискиот портпарол, Наум Стоилковски. Тој меѓу другото, бара оставки од министрите за внатрешни и за надворешни работи, Оливер Спасовски и Никола Димитров.

Итна и неотповиклива оставка на однародениот министер којшто својата нација ја нарече „Искомплексирана“ нација. Министерот зема буџетска плата благодарение на ова нација, ужива во привилегиите со буџетот да го школува семејството надвор од Република Македонија, па упатува непростлива навреда кон истиот тој народ.Итна и неотповиклива оставка бараме на министерот за терор и прогон, Оливер Спасовски. Спасовски откако е министер реди само порази, мафијата ги презеде градовите, се случуваат убиства кои остануваат нерасчистени, а тој води шпионски акции, претреси и омаловажувања на според СДСМ политички неподобните граѓани на Република Македонија – изјави Стоилковски.

Од СДСМ одговорија со писмено соопштение, при тоа не пропуштајќи повторно да го обвинат раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека е антинародно. Социјалдемократите тврдат дека Македонија има подобра иднина, дека веќе оди напред кон Европската унија и НАТО, а при тоа најавуваат дека платите ќе продолжат да се зголемуваат. Оттаму обвинувањата од опизицијата ги отфрлуваат како неосновани и несериозни.