Освен вицепремиерот, Бујар Османи, загриженост за обезбедување на двотретинското мнозинство во Собранието за уставните амандмани, изрази и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во интервју за Радио Слободна Европа тој порачува дека процесот е многу важен и затоа се плаши да не се повреди од невниманијата на институциите. Во однос на оваа негова изјава, собранискиот спикер, Талат Џафери денеска рече дека загриженоста е изразена во смисла на тоа да не се испровоцира ситуација која би била спротивна на определбите за целосна имплементација на Преспанскиот договор:
„Загриженоста не е во смисла дека некој не верува во некого туку се однесува на сите постапки и случувања околу функционирањето на институциите и затоа е веројатно апeлот да се има внимание во постапувањето натаму за да не се иритира, односно провоцира ситуација која би била во спротивност со определбите за целосна имплементација на договорот“
Џафери денеска соопшти дека комисиската расправа за амандманите на Уставот кои произлегуваат како обврска од Договорот со Грција ќе почне следниот понеделник, а пленарната седница на Собрането треба најрано да биде закажана на 9 јануари идната година. Гласањето пак, според него, треба да се случи на 15 јануари.


